Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, денеска протестира пред Министерството за надворешни работи (МНР), барајќи одговор за што се преговара со Бугарија. По три дена блокирање на крстосници во Скопје и во уште неколку градови, денеска приврзаници на партијата протестираат пред МНР и овојпат под мото „Доста е, Излези за Македонија“, против, како што наведуваат „новиот обид за продажба на националните и државни интереси од страна на Зоран Заев и Владо Бучковски“.
Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, на протестот ги повика премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи да се појават пред Собранието и да им објаснат на граѓаните преку пратениците за кои дополнителни анекси се разговара по однос на Договорот со Бугарија.
„Зошто јавноста беше излажана во 2017 година дека Договорот со Бугарија ги решил сите македонско-бугарски спорови и го отвара патот за ЕУ. Гледаме дека тоа не е вистина и сметаме дека таа вистина Заев, Димитров и Бујар Османи им ја должат на граѓаните, на Собранието и на јавноста“, рече Милошоски.
На прашањето до кога ќе траат протестите, Милошкоски рече дека тоа ќе зависи од власта, ако и понатаму биде таинствена, ќе има одговор како и досега.