Очигледно постои нон-пејпер за промена на границите на Балканот, иако во Словенија негираат дека стојат зад такво нешто, изјави за балканскиот сервис на Радио Слободна Европа првиот претседател на независна Словенија Милан Кучан.
Членот на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ потврди дека словенечкиот претседател Борут Пахор, за време на посетата на Сараево на 5 март, на тројца членови на Претседателството на БиХ им рекол дека има се повеќе гласови во ЕУ кои бараат довршување на распадот на Југославија. Пахор наводно прашал дали е можно „мирно распаѓање“ на БиХ.
Во меѓувреме, во средината на април во медиумите се појавија тврдења за наводниот предлог на словенечкиот премиер Јанез Јанша за прекројување на границите на Западен Балкан, како начин за решавање на проблемите меѓу шесте земји во регионот.
„Не знам што го натера претседателот Пахор да го постави тоа прашање. Тој го негира тоа велејќи дека неговиот став е јасен дека нема дискусија за промена на границите. Исто така, тоа го негира премиерот на нашата влада, а очигледно таквиот нон-пејпер постои. Се покажа дека е познато кој е неговиот автор во Брисел, како и содржината, но тие не сакаат да го откријат поради неговиот погубен ефект врз меѓународните односи“, вели Кучан.
„Нон-пејпер“ е израз што се користи во Европската унија за неформални документи како теза за разговори што се разменуваат доверливо меѓу владите или институциите.
Овој документ предизвика конфузија затоа што предлага проширување на Србија, Хрватска и Албанија, а на Бошњаците да им остане помал дел од Босна и Херцеговина.
Кучан додава дека Словенија не може да има поинаков став од оној со кој го започна процесот на независност на државата, дека сите републики имаат право на нивните држави и дека распадот на Југославија треба да заврши во постојните граници.