Судот во Скопје изрече затворска и две условни казни за случајот „Двојник“

Илустрација - Пасоши.

Кривичниот суд во Скопје денеска прогласи за виновни тројца обвинети во случајот „Двојник“. Обвинетиот Фарук Буки доби затворска казна од три години, додека обвинетите Весна Колевска и Бранислава Шпишиќ беа осудени на условни казни од една година затвор во случај да го повторат кривичното дело во следните три години.

За случајот „Двојник“ и претходно беа осудени службеници на МВР, а беше најавено дека истрагата ќе се спроширува за да се види кој бил вмешан во повисоката хиерархија на МВР.

Обвинетите во случајот се теретат дека издавале пасоши со лажен идентитет на 214 странски државјани, од кои и познати криминалци. Обвинети за делото злоупотреба на службена должност и овластување беа 11 лица службеници во МВР.

По објавувањето на денешната пресуда, обвинителката Спасенка Андонова предложи да се продолжи мерката притвор за обвинетиот Буки, како и мерките за претпазливост за Колевска и Шпишиќ.

Судењето за предметот го води судијката Оља Ристова.

Претходните казни кои беа изречени за обвинети во случајот се движат од условни до две години и седум месеци, како и забрана за вршење дејност и должност од десет години.

Истрагата покажала дека странските државјани се стекнале со патни исправи со идентитет на македонски државјани во период од средината на јуни 2017 година до крајот на 2020 година.