Во Британија почнува самитот на Г7, САД ќе донираат 500 милиони вакцини

Претседателот на САД Џо Бајден, пред самитот на Г7, во заливот Карбис, Корнвол, 10 јуни 2021 година

Денеска во Корнвол, Британија почнува тридневен самит на групата седум индустриски најразвиени земји. Во групата позната како Г7 се САД, Британија, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија. Тоа ќе биде прв самит на американскиот претседател откако пред пет месеци ја презеде функцијата, но и последен на германската канцеларка Ангела Меркел. Претседателот на САД Џо Бајден, пред денешниот самит објави план за донирање 500 милиони дози вакцини и ги повика другите лидери да го сторат истото. „Наша хуманитарна должност е да спасиме што е можно повеќе животи, а тоа е исто така во интерес на Американците“, рече Бајден, наведувајќи дека 200 милиони дози ќе бидат распределени оваа година.

Бајден во Европа: ерата на демократијата не е завршена

Пред една година, поради пандемија, беше откажан самитот Г7 на индустриски најразвиените земји, за кој требаше да бидат домаќини САД. Соединетите држави се соочија со зголемен притисок да го презентираат својот глобален план за донирање вакцини, особено што нееднаквостите во снабдувањето ширум светот станаа поизразени и побарувачката за дози во САД опадна во последните неколку недели. Администрацијата на САД ќе донира 500 милиони вакцини Пфајзер преку програмата Ковакс за дистрибуција на вакцини до сиромашните земји. Досега, глобалниот сојуз дистрибуираше само 81 милион дози, а вакцините сè уште не пристигнаа во некои делови на светот, особено во Африка.

Бајден го претстави планот за споделување вакцини за коронавирус

Американските власти се надеваат дека самитот ќе заврши со изјава што ќе покаже посветеност на Г7 и другите земји да направат повеќе за да помогнат во вакцинирање на светската популација и глобално поддршка на јавното здравје. На самитот на Г7 ќе стане збор и за „минималниот светски данок“ од најмалку 15% за големите глобални компании како Амазон и Гугл. Со оваа мерка би можеле да се влеат милијарди долари во владите за да им се помогне да ги отплатат долговите настанати за време на кризата поради пандемијата на коронавирусот.