Вашата земја заслужува да ги почне преговорите без одложување, му порача вечерва францускиот претседател Емануел Макрон на македонскиот премиер Зоран Заев за време на заедничката изјава пред Елисејската палата во Париз, јавува МИА.
"Време е да се конкретизира оваа одлука и ние ќе работиме да се најде решение за почеток на преговорите“, додаде Макрон.
Како што јави дописникот на државната агенција, премиерот Заев посочил дека денешната средба ги збогатува пријателските врски меѓу двете земји, во годината кога се одбележува 28 години од воспоставените дипломатски односи со Франција.
„Посебно место во развојот на македонско-француското пријателство има и претседателот Макрон, со неговата јавна поддршка за Договорот од Преспа. Пред нас е самитот на ЕС во јуни и тој е вистинска можност за чекор напред и решение за отргнување на блокадата на нашиот европски пат. Дијалогот носи решение“, истакна Заев.
Во состав на владината делегација што престојува во Париз, покрај Заев, се и заменик-претседателот задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи.