Премиерот Зоран Заев денеска во Тирана учествуваше на Самитот на земјите од Западен Балкан чиј домаќин беше премиерот на Албанија, Еди Рама. На маргините на Самитот, како што информираат од прес службата на македонската влада, двајцата го потпишале Договорот за воспоставување заеднички гранични и царински контроли на граничните премини меѓу Република Албанија и Република Северна Македонија.
„Со потпишувањето на денешниот договор завршуваме еден сериозен процес на којшто работеа нашите Влади за да го отвориме „one stop shop“ терминалот каде што нашите граѓани ќе го преполоват своето чекање во делот на поминувањето на нашите граници, но пред сѐ и над сѐ, ќе се создадат услови за остварување на четирите европски слободи за слободен проток на стока, луѓе, капитал на услуги“, рече Заев.
Рама, пак, како што пренесуваат од владата, нагласил овој договор значително ќе го олесни движењето меѓу граѓаните на двете држави.
Македонскиот премиер Заев заедно со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и премиерите на Косово, Албин Курти, на Србија, Ана Брнабиќ и на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија учествуваат на Самитот на земјите од Западен Балкан.