ВМРО-ДПМНЕ денеска, трет ден по ред од 15 до 17 часот блокираше три раскрсници во центарот на Скопје и во девет други градови. Тие излегуваат под мотото „Доста е, излези за Македонија“ . Бараат премиерот Зоран Заев и специјалниот претставник Владо Бучковски да кажат што разговараат со официјална Софија во разговорите за надминување на проблемот поради кој источниот сосед во декември лани ги блокираше македонските европски интеграции.
Опозициската партија го обвинува, како што го нарекуваат двоецот Заев-Бучковски, дека преговараат тајно и прашуваат дали на маса се македонскиот и идентитет и што има во патоказот што го подготвува Министерството за надворешни работи.
„Ние како политичка партија инсистираме македонскиот јазик, македонскиот идентитет, посебноста на македонската историја, заштитата на македонските национални малцинства да бидат јасни црвени линии при преговорите со Република Бугарија. Од тоа нема отстапување, нема назад.Ние заслужуваме сигурна иднина, но и сочувани корени. За тоа не смее да има компромиси“, напиша Мицкоски на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Пратеникот од ГРОМ Љупчо Пренџов, чија партија е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ денеска на блокадите рече дека пратениците, јавноста и најголем дел од владините министри не знаат за што се преговара.
„Бараме народот да знае што се случува, Собранието да дискутира, бараме еден општествено политички консензус во врска со преговорите со Бугарија или кој било друг сосед“, изјави Пренџов.
Разговорите меѓу Софија и Скопје по пристигнување на предлогот на португалското претседателство со Европската унија на крајот од минатиот месец се поинтензивни. Обидите сега се прават за да се дојде до решение со кое соседната земја би го деблокирала македонскиот европски пат на Самитот на ЕУ на 23 јуни.