Унгарскиот премиер Виктор Орбан потврди дека Унгарија ќе организира референдум за контроверзниот проект за изградба на кинески универзитет во Будимпешта откако илјадници демонстранти излегоа на улиците на протести против планот.
Одлуката да се изгради кампус во главниот град до 2024 година користејќи заем од кинеска банка од 1,5 милијарди долари го отвори прашањето за блиските врски на Орбан со Пекинг и ги зголеми загрижувањата за долготрајното влијание на таков проект врз образовниот систем во земјата.
Владата смета дека постоењето на кампус на шангајскиот Фудан универзитет ќе им овозможи на унгарските и странски студенти да добијат високо образовни квалификации, но градоначалникот на Будимпешта Гергели Карачоњи и други критичари сметаат дека има недостиг од транспаретност и академска слобода.
И Пекинг го брани проектот и бара од критичарите да избегнат „политизација и стигматизација на нормалните размени меѓу Кина и Унгарија“. Орбан има пријателски односи со Кина, Русија и други нелиберални влади, додека често се судира со ЕУ поради намалувањето на независноста на судството и медумите.