Од Тирана, каде се одржува Самитот на земјите од Западен Балкан, еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеји, оцени дека оваа година може да го „ носи името на овој регион за заложбата што ја покажува Европската Унија“.
„Јуни е критичен месец за Западен Балкан. Имаме многу прашања на маса. Ние сакаме да организираме меѓувладини конференции со Србија и со Црна Гора, за да ги продолжиме нивните преговори за членство. Ние сакаме да ги организираме првите две меѓувладини конференции со Албанија и со Северна Македонија, го имаме овој Самит за да ги покажеме резултатите. Оваа година навистина може да биде година на Западен Балкан, но ние сакаме резултати“, истакна Вархеји на заедничката прес-конференција со домаќинот, албанскиот премиер Еди Рама.
Вархеји додаде дека ЕУ веќе ги подготви претпристапните фондови и е подготвена да го започне инвестицискиот план за Западен Балкан, но оти прво регионот мора да функционира како единствен регионален пазар. Станува збор за инвестиции вредни 30 милијарди евра. Како еден од повеќето примери тој посочи дека нема смисла да се градат автопати ако сите големи возила ќе мора да застануваат на различни гранични точки на секои 100 километри.
„Ние сме подготвени да го започнеме овој инвестициски план и сакаме нашите партнери од Западен Балкан да започнат со овој план што е можно поскоро, наведе еврокомесарот.
Рама пак рече дека лидерите на Западен Балкан побарале движењето на нивните граѓани да не биде ограничено од видот на примената вакцина против Ковид-19.
По работниот ручек ќе биде потпишана заедничка декларација.
На состанокот во Тирана учествуваат претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и премиерите на Северна Македонија, Зоран Заев, на Косово, Албин Курти, на Србија, Ана Брнабиќ, на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија. Тема на самитот беше постигнатото досега во Берлинскиот процес за заздравување на регионот и подготовките за спроведување на економскиот и план за инвестиции во Западен Балкан.