ЗНМ: Продолжува трендот на напади кон новинари

Во 2020 година нема сериозни промени во медиумската сфера, но има зголемување на трендот на напади, односно состојбата со безбедноста на новинарите и медиумските работници не е подобрена за разлика од минатата 2019 година туку влошена, покажува извештајот за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Северна Македонија, изготвен од страна на Здружението на новинари на Македонија.

Кризата со пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19 дополнително ја влошила финансиската состојба на медиумите поради намалувањето на приходите од комерцијални реклами.

Советот на Европа изрази загриженост поради нападите врз новинари

Чадиковски – Опстојува спрегата меѓу политиката, бизнисот и медиумите

Презентирајќи го извештајот, од ЗНМ соопштија дека во извештајот за 2020 година се нотира дека новинарските здруженија ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ силно го истакнуваат своето спротивставување на евентуалните измени на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои би било дозволено рекламирање на јавни институции во медиумите.

„Ставот на ЗНМ е дека платеното политичко огласување во аудиовизуелните медиуми треба да се укине, бидејќи на тој начин се „поткупуваат“ сопствениците на медиумите, се влијае негативно врз уредувачката политика на медиумите, но, исто така, и се „изместува“ рамнотежата на спротивставени гледишта во јавната сфера. Со цел да се надмине оваа пракса, потребни се интервенции и во Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги и во Изборниот законик,“ изјави Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.

Во извештајот за 2020 година се нотира и дека реформата на јавниот радиодифузен сервис речиси не е ни започната, а финансиската независност и одржливост на јавниот радиодифузер остануваат отворено прашање. Според статистиката на ЗНМ од почетокот на 2020 година биле забележани вкупно 14 напади и груби закани кон новинари, од кои повеќе од половината се кон новинарки.