Гир: Нема место за дивоградби покрај Охридското езеро

илустрација, отстранување на дивоградбите од Охридското Езеро

Европската Унија силно ги поддржува активностите за отстранување на дивоградбите во Охридскиот регион. Амбасадорот на ЕУ во земјата Дејвид Гир на својот твитер-профил напиша дека нема место за дивоградбите на крајбрежјето на Охридското Езеро и треба да се отстранат.

„Уникатното природно и културно богатство што го поседува регионот – признаено од УНЕСКО – мора да биде заштитено. Заштитувајќи го наследството на Охрид сега, ние исто така инвестираме во работни места и унапредувањето на услужните дејности сега и во иднина“, стои исто така во пораката на Гир.

Градоначалникот на Охрид јавно се заблагодари на поддршката во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО и зачувување на природното и културното наследство на Охридскиот регион.

УНЕСКО препорачува Охрид да биде ставен на Листата загрозени светски вредности

Почна уривањето на нелегалните објекти на најатрактивните плажи во Охрид

Неодамна во својот извештај, УНЕСКО препорача Охрид да биде ставен на листата загрозени светски вредности. Обемниот Извештај на УНЕСКО на 125 страници ја отсликува ситуацијата на терен, со сите недоследности, пропусти, промашувања, отстапувања, грешки и неостварени ветувања за подобрување. Во Извештајот останува препораката Охридскиот регион да биде поместен на Листата загрозени светски природни и културни богатства.

Тоа не значи нивно бришење од листата на заштитени природни и културни вредности на УНЕСКО, туку очекувана разврска на она на што беше укажувано години наназад од страна на експертите и критичката јавност, како несоодветно однесување кон брендот признаен од светот.