Министерството за надворешни работи потврди дека денеска вршителот на работите во Амбасадата на Република Северна Македонија во Москва, Оливера Чаушевска- Димовска била повикана во Министерството за надворешни работи на Руската Федерација при што ѝ била врачена Нота за прогласување 'персона нон грата' на наш дипломат - аташе од Амбасада на Република Северна Македонија во Москва.
„Министерството за надворешни работи искажува жалење за овој неоснован потег на руската страна, кој претставува политичка одлука базирана единствено на начелото на политичка одмазда и која со тоа негативно ќе влијае на интензитетот на билатералните односи меѓу двете земји“, се вели во соопштението од МНР.
Претходно Амбасадата на Руската Федерација во Северна Македонија, објави дека Русија прогласи еден вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва за персона нон грата како одговор за протерувањето на руски дипломат од земјава.
„Вршителот на должност амбасадор на Република Северна Македонија во Руската Федерација, Чаушевска-Димовска, беше повикана во руското Министерство за надворешни работи на 10 јуни, каде што ѝ беше врачена нота со која вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва се прогласува за персона нон грата“, пишува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Русија, на кое се повикува руската амбасада во земјава.
Скопје протера руски дипломат поради постапки несоодветни со дипломатскиот статус
МНР на Русија - Протерувањето на дипломатот ќе се одрази на односите со Македонија
Во соопштението се објаснува и дека ваквата мерка е одговор на немотивираната одлука на Северна Македонија да прогласи руски дипломат за персона нон грата.