На 15 јуни прва средба меѓу Вучиќ и Курти

Заедничка фотографија на премиерот на Косово, Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово ќе продолжи во вторник на 15 јуни, изјави портпаролот на ЕУ Петер Стано.

Ова ќе биде прва средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти. Средбата ќе се одржи во седиштето на ЕУ во Брисел.

„Ова ќе биде прва средба, така што очекуваме премиерот на Косово и претседателот на Србија да разговараат за тоа како да се продолжи дијалогот“, рече Стано.

Портпарол на Брисел ја повтори пораката дека за време на процесот на разговори се случиле промени, бидејќи Курти на 22 март го заменил Авдулах Хоти на премиерската позиција но дека „обврските остануваат исти“.

„Очекуваме од двете земји понатамошна посветеност за вклучување во дијалогот, да се спроведат сите претходни договори и да се покаже посветеност и неопходна подготвеност за компромис со цел да се постигне конечен сеопфатен договор за нормализирање на односите меѓу Србија и Косово“, рече Стано.