Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) почна постапка за одземање на лиценци за трговија со нафтени деривати, а пред сè на мазут на големо и тоа на РКМ ДООЕЛ Скопје, Супер трејд ДООЕЛ увоз извоз Скопје, Пертинакс ДООЕЛ Скопје и ЛИЛ Оил ДБ ДООЕЛ увоз – извоз Кавадарци поради непоседување оперативни резерви на мазут, информира претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
На денешната прес-конференција, тој појасни компаниите во рок од седум дена ќе треба да дадат соодветно образложение која е причината за тоа што се случува.
„Кај Евротим ДПИ има донесено забрана за пуштање во промет на мазутот којшто се поседува во нивните резервоари и тоа е направено поради земање мостра од страна на ДПИ. Откако е издадена оваа забрана Евротим е под целосен мониторинг на РКЕ и не смее да врши никакви тргувања на пазарот на големо за мазут. Во оној момент кога ќе ги добиеме податоците од страна на ДПИ за квалитетот на мострата што е земена од Евротим, РКЕ ќе продолжи со соодветни постапки согласно своите надлежности што ги има утврдено во Законот за енергетика“, прецизира Бислимоски.
Бислимоски ги повика сите компании носители на лиценци за трговија со бензин, дизел, екстралесно гориво и ТНГ да започнат да си ги обезбедуваат оперативните резерви како што е пропишано со Правилникот којшто е донесен на 26 април 2021 година.
Претходно, вицепремиерот Љупчо Николовски соопшти дека две компании добија забрана за работа, забрана за пуштање во промет на мазут и има предлог за одземање на лиценци, а на седум фирми им се изречени прекршочни казни од над 55 илјади евра за пуштање во промет на мазут кој не ги задоволува стандардите.
Владата пред три недели им даде задолжение на повеќе институции да го проверат увозот и дистрибуцијата на мазут, откако излезе истражувањето на ИРЛ, „Заговор против воздухот“, кое покажа дека во Македонија се увезувал сомнителен мазут со лош квалитет кој многу го загадува воздухот.