Полицијата во Санкт Петербург привела популарен руски блогер, како што јавуваат американските медими, поради негова песна во која се исмеваат напорите на владата да се справи со тероризмот. Песната е за смртоносниот инцидент со заложништво во московскиот театар Дубровка во 2002 година.
Неколку медиуми денеска објавија дека бил приведен Јуриј Ховански, чиј канал на Јутјуб има повеќе од 4,4 милиони следбеници. Тој бил приведен под сомнение дека „оправдува тероризам“ во песна поставена на Јутјуб минатата година.
Според извештаите, полицијата привела и друг блогер, Андреј Нифеодов, како сведок во случајот.
Претходно во февруари, 31-годишниот Ховански јавно изрази жалење за песната, велејќи дека се „срами“ од тоа. Тој во песната употребува навредливи зборови кога ги опишува жртвите на заложничката криза, во која загинаа десетици луѓе.
На 22 октомври 2002 година, група чеченски милитанти прекинаа изведба на мјузикл во театарот Дубровка, а публиката ја зедоа како заложник. По четири дена руски специјалци упаднаа во зградата, користејќи хемиски гас и ги убија сите киднапери во театарот. Руската влада беше критикувана за справување со кризата бидејќи околу 130 заложници загинаа, многумина поради тоа што вдишале од гасот, а не им се укажало доволно медицинска помош.