Две компании добија забрана за работа, забрана за пуштање во промет на мазут и има предлог за одземање на лиценци, а на седум фирми им се изречени прекршочни казни од над 55 илјади евра за пуштање во промет на мазут кој не ги задоволува стандардите, информира денеска вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски.
Компанијата „Блу Технолоџи“, како што нагласи тој, продавала мазут ППД којшто не е деклариран во Правилникот за течни горива и на оваа компанија ѝ е изречено решение за привремена забрана и пуштање во промет на пронајдениот производ.
Кај компанијата „Санс АГ“ од Штип утврдено е производство на мазут од отпадни гуми и на неа ѝ е изречена забрана за работа и поднесено е барање за одземање на Б интегрираната дозвола.
- Ќе се проверува дали увезениот мазутот бил извезен како мазут и од земјите извознички
- Бектеши: Се проверува увозот на сомнителен мазут
Прекршочни казни се изречени против седум компании и тоа РКМ ДООЕЛ, Супертрејд, Евротим, Пертинакс-Скопје, Ли-оил ДБ Кавадарци, Блу технолоџи и Ка-оил Енерџи Кавадарци, која вршела трговија на мазут без лиценца од Регулаторната комисија за енергетика.
Владата пред три недели им даде задолжение на повеќе институции да го проверат увозот и дистрибуцијата на мазут, откако излезе истражувањето на ИРЛ, „Заговор против воздухот“, кое покажа дека во Македонија се увезувал сомнителен мазут со лош квалитет кој го загадува воздухот.