Високи претставници на Европската унија оценија дека судскиот процес против поранешниот командант на армијата на Република Српска Ратко Младиќ, што заврши вчера е клучен процес во поновата историја на Европа за воени злосторства, вклучително и геноцид. Во заедничката изјава за конечната пресуда на Меѓународниот суд во Хаг против Младиќ, европскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји, наведуваат дека „негирањето на геноцидот, ревизионизмот и величењето на воените злосторници се во спротивност со најосновните европски вредности“.
Ратко Младиќ правосилно осуден на доживотен затвор
Тие сметаат дека Европската унија очекува сите политички чинители во Босна и Херцеговина и Западен Балкан да покажат целосна соработка со меѓународните трибунали, да ги почитуваат нивните одлуки и да ја признаваат нивната независност и непристрасност. Меѓународниот суд во Хаг вчера донесе конечна пресуда против Младиќ, откако беше обжалена првостепената пресуда на доживотен затвор за геноцид и злосторства против човештвото над несрпското население за време на војната во БиХ. На 22 ноември 2017 година, Хашкиот трибунал го прогласи генералот 78 годишниот Младиќ за виновен за геноцид во Сребреница; прогон на Хрватите и муслиманите низ цела БиХ; тероризирање на населението во Сараево со продолжено гранатирање и земање во заложништво на членови на УНПРОФОР.