Зголемување на капиталните инвестиции и продолжување на поддршката за стопанството се двата клучни сегмента во ребалансот на Буџетот што Владата денеска го усвои на седница.
Приходната страна на ребалансот е подигната за 4,7 проценти во однос на иницијалниот Буџет, односно приходите се проектирани на ниво од 222,6 милијарди денари. Расходите се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 проценти повеќе во однос на иницијалниот Буџет.
Капиталните расходи се проектирани на ниво од 30,5 милијарди денари или за 6,5 милијарди денари се повисоки во однос на планот за 2021 година. Нивното учество во вкупните расходи на буџетот од иницијално планираните 9,4 проценти, се зголемува на 11,3 проценти што е повисоко ниво од просекот во последните десет години. Има кратење на расходите кај повеќе буџетски корисници по два основа – по основ на помалку продуктивни трошоци и по основ на проекти кои имаат послаба динамика на реализација.
Се гледа крајот на ковид-кризата во индустријата
Дефицитот е проектиран на ниво од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 проценти од БДП. Тој заедно со отплатите од претходните задолжувања во износ од 43,3 милијарди денари, ќе се финансираат од надворешни и домашни извори.
Новини во ребалансот се новата потпрограма за зелен развој, нови инструменти како развојна обврзница и зелена обврзница кои ќе бидат наменети исклучиво за инвестиции и зелен развој. Наскоро се очекува да биде презентиран и Планот за финансирање на забрзаниот раст кој се очекува да овозможи нови инвестиции и работни места.