Заев: Не можам да ги разберам протестите на ВМРО-ДПМНЕ

Премиерот Зоран Заев

Со Бугарија разговараме за патоказот, при што се водат разговори на секторско ниво за изградба на железниците, патиштата, Коридорот 8 и конекцијата меѓу двете земји, соработката помеѓу министерствата за култура, за образовани и наука, за труд и социјална политика и за здравство, како и помеѓу агенциите за млади и спорт и националните радиодифузни сервиси, изјави денеска премиерот Зоран Заев, откако претходно ВМРО-ДПМНЕ ги блокираше крстосниците барајќи Владата да го даде на увид на јавноста таканаречениот „патоказ“ за преговорите со Бугарија.

„Тоа е патоказот за кој се разговара. Јас верувам ако се усвои, дефинитивно ќе биде потврден на меѓувладина конференција која што ја водат двајцата министри за надворешни работи, нашиот министер и бугарскиот министер за надворешни работи. Сето друго се разговара под раководство на португалското претседателство. Фокусот е реално таму заради тоа што Европа е исправена пред можноста да носи одлука на 22 јуни“, рече Заев.

ВМРО-ДПМНЕ преку блокади бара одговори за разговорите со Бугарија

Историската комисија во патоказот за европскиот напредок- замка или решение?

Тој потенцира дека предлогот на Португалија, која е актуелен претседавач со ЕУ, за надминување на разликите со Софија е доставен до нас, до бугарската страна, како и до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Мицкоски апсолутно знае дека предлогот е одличен и е појдовна основа за постигање на решението. И сега да продуцирате вака протести со 15 возила и 20 луѓе, 13 возила и 14 луѓе, не знам, 24 возила, ги следам извештаите кои излегуваат сега на медиумите, и 45 луѓе, е тоа се протестите само за да се блокира сообраќајот низ градовите и е порака која што никако не можам да ја разберам“, додаде премиерот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска од 15 до 17 часот блокираше крстосници на три места во Скопје и во девет други градови под мотото „Доста е, излези за Македонија“. Тие се сомневаат дека владата со Бугарија преговара за идентитетот, јазикот и културата. Опозициската партија обвинува дека премиерот Зоран Заев и специјалниот претставник Владо Бучковски правеле обид за продажба на националните и државни интереси во разговорите со Бугарија.