Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВВ-ОВК) најави дека в сабота, на 12 јуни, ќе организира протест против Владата на Косово, поради тоа што, како што велат, „отворено ги напуштија националните вредности“.
Директен повод за организирање на протестот е апсењето на воениот инвалид, ветеран на ОВК и член на претседателството на ОВВ-ОВК, Фаик Фазлиу, кое се случи викендов во Призрен.
Полицијата го приведе Фазлиу во саботата вечер, поради наводно нарушување на јавниот ред и мир, по што од дежурен обвинител му беше изречена мерка од 48 часа притвор. Откако на социјалните мрежи се појавија видео-снимки на кои се гледа употреба на сила, односно туркање и соборување на земја на Фазлиу од страна на припадници на полицијата, тој наредното утро беше пуштен од притвор, а полицискиот инспекторат најави истрага за случајот.
ОВВ-ОВК смета дека „бруталното апсење“ на Фазлиу е само една од манифестациите на нетрпение на Владата на премиерот Албин Курти, која е на власт помалку од три месеци, кон челниците и припадниците на поранешната ОВК.
„На сите ни е јасно дека институциите на Косово отворено ги напуштија националните вредности. Од пред извесно време се забележува тенденцијата на обвинување на водачите на ОВК, тргнувајќи од премиерот Курти, министерката за надворешни работи (Доника) Грвала-Шварц, а сега и министерот за внатрешни работи (Џељаљ) Свечља“, се вели во синоќешното соопштение по седницата на претседателството на ОВВ-ОВК.