Министерството за економија денеска го објави јавниот повик за реализација на мерката – организиран одмор на работници со ниски приходи чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износот од 30.000 денари.
Според јавниот повик, кој денеска е објавен на веб-страната на Министерството за економија, оваа година за реализација на оваа мерка се предвидени 15 милиони денари.
Мерката предвидува издавање потврди-ваучери за туризам во вредност од 12 илјади денари за лица со ниски примања за да можат да ги користат во категоризираните угостителските објекти за сместување (хотели) лоцирани во туристичките центри во земјава, кои претходно се пријавени во Министерство за економија.
Јавниот повик ќе трае до 30 јуни и до овој рок сите граѓани кои ги исполнуваат условите, односно немаат приходи повисоки од 30 илјади денари ќе може да се пријават и да добијат ваучер.
Ваучерот за користење на средства за организиран одмор ќе може да се искористи најдоцна до 30 ноември годинава.
Потврдата за користење на средства за организиран одмор се издава по принципот „прв дојден прв услужен“.
Потврдата за користење на средства за организиран одмор може да се користи само од работникот на кого му е издадена заедно со членовите на неговото потесно семејство кои се наведени во барањето.