Од биријани до пилав, заедничкиот кулинарски пејзаж на Пакистан и Индија е дефиниран од басмати, карактеристичниот ориз со долго зрно кој сега е во центарот на најновата кавга меѓу двата регионални ривали.
Индија поднесе барање за ексклузивна трговска марка со која ќе ѝ се даде единствена сопственост на називот „басмати“ во Европската унија, со што може да му зададе голем удар на Пакистан на овој важен извозен пазар.
„Тоа е како да ни фрлиле атомска бомба“, вели Гулам Муртаза, косопственик на фирма за ориз во близина на Лахоре, вториот најголем град во Пакистан.
Официјален Исламабад веднаш се спротивстави на потегот на Индија да добие Заштитена географска ознака (ЗГО) од Европската комисија.
Индија е најголемиот извозник на ориз во светот, од што заработува 6,8 милијарди долари годишно, додека Пакистан е на четвртата позиција со извоз во вредност од 2,2 милијарди долари, покажуваат податоците на ОН.
Видете и ова: Индија и Пакистан договорија примирје во КашмирОвие две земји се единствените светски извозници на басмати ориз.
„Индија ја предизвика целата оваа врева за некако да може да грабне еден од нашите пазари“, вели Муртаза, чии оризови полиња се на едвај пет километри од границата со Индија.
„Целата наша индустрија со ориз е засегната“, додава тој.
Од Карачи до Калкута, басмати оризот е основата на секојдневната исхрана ширум јужна Азија.
Се јаде со зачинето месо и зеленчук и е главната состојка во различните рецепти за подготовка на биријани, јадење кое се служи на свадби и прослави во двете земји кои се разделија веднаш по добивањето на независност по британското колонијално владеење во 1947 година.
Оттогаш двете земји водеа три војни, а најновите судири од 2019 година вклучуваат и прекугранични воздушни напади, први по скоро половина век.
Дипломатските односи им се затегнати со децении, а двете земји редовно се трудат меѓусебно да си наштетат на меѓународната сцена.
Многу важен пазар
Пакистан го прошири извозот на басмати во ЕУ во изминатите три години, искористувајќи ги тешкотиите на Индија да ги задоволи построгите европски стандарди за пестициди.
Според Европската комисија, Пакистан сега задоволува две третини од годишната потрошувачка од околу 300 илјади тони.
„За нас, тоа е многу, многу важен пазар“, вели Малик Фаисал Џахангир, потпретседател на Пакистанската асоцијација на извозници на ориз, кој тврди дека пакистанскиот басмати и пооргански и „поквалитетен“.
Заштитената географска ознака (ЗГО) дава права на интелектуална сопственост за производи поврзани со географска област каде се одвива барем една фаза на производство, преработка или подготовка.
Индискиот чај Дарџилинг, кафето од Колумбија и неколку француски шунки се меѓу познатите производи со ЗГО.
Ова ознака се разликува од Заштитената ознака за потекло (ЗОП), за која е потребно сите три фази да се одвиваат во соодветниот регион, како во случајот на сирењата, како што се француското бри или италијанската горгонзола.
Таквите производи се законски заштитени од имитација и злоупотреба во земјите обврзани со договорот за заштита и печатот за препознавање на квалитет им овозможува да се продаваат по повисока цена.
Индија вели дека во својата апликација не тврди дека е единствен производител на карактеристичниот ориз кој се произведува во подножјето на Хималаите, но сепак, статусот на Заштитена географска ознака ќе му го даде ова признание.
„Индија и Пакистан извезуваат и на здрав начин си конкурираат на различни пазари скоро 40 години... Не мислам дека ЗГО ќе го промени тоа“, вели Виџај Сетиа, поранешен претседател на Индиската асоцијација на извозници на ориз.
Заедничко наследство
Индија вели дека во апликацијата не тврди дека е единствениот производител на басмати. Според правилата на ЕУ, двете земји мора да се обидат да преговараат за пријателска резолуција до септември, откако Индија побара продолжување за три месеци, изјави портпаролот на Европската комисија за агенцијата Франс прес.
„Историски, и репутацијата и географската област (за басмати) се заеднички за Индија и за Пакистан“, вели правниот истражувач Делфин Мари-Вивиен.
„Веќе имало неколку случаи на противење на географска ознака во Европа и секогаш бил најден компромис“, вели таа.
По долги години одложување, пакистанската влада во јануари ги обележа местата каде што се жнее басмати во земјата.
Исто така најави дека ќе им додели сличен заштитен статус на розовата хималајска сол и други извикани земјоделски производи.
Пакистан се надева дека ќе ја убеди Индија да поднесат заедничка апликација во име на заедничкото наследство кое го претставува басмати оризот, вели Џахангир.
„Убеден сум дека ќе постигнеме договор многу брзо... светот знае дека басмати доаѓа од двете земји“, вели тој.
Ако не може да се постигне договор, а ЕУ пресуди во корист на Индија, Пакистан може да се жали на европските судови, но долгиот процес на разгледување може да ја остави пакистанската индустрија на ориз во неизвесност.