Тензии во Собрание за уставните судии

Уставен суд

Не се знае кога ќе продолжи комисиската седница за уставни судии, на која треба да бидат утврдени имињата на кандидатите за уставни судии. Претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата ,Костадин Костадинов, изјави дека засега не се знае кога ќе продолжи седницата посочувајќи дека имало расправии и тензии и оти пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се обиделе да ја попречат работата на собраниското тело.

Од друга страна, пратеникот Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека она што денеска се случувало на Комисијата за избори и именувања само докажува колку се погрешни политиките што ги води власта предводена од СДСМ. Тој обвини дека власта се обидува, како што рече на шверцерски, компромитирачки начин, да се стави таа точка на дневен ред.

Секој член на Комисијата има право да даде предлог за уставни судии. А изборот се врши на пленарна седница.
Единствени критериуми, според Уставот, се кандидатот да биде истакнат правник и да не биде член на партија.

Собранието треба да избере тројца уставни судии. За тоа се потребни мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во јуни им истече мандатот на тројца уставни судии.