Софија очекува конструктивен одговор од Скопје за долгорочно решение

Бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев.

Бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев во однос на европската интеграција на Северна Македонија, изјави дека позицијата на Бугарија е јасна, доследна и предвидлива и таа не е променета, јави дописникот на МИА од Софија.

Тој истакна дека техничката Влада на Бугарија се раководи од Рамковната позиција и Декларацијата на Народното собрание од октомври 2019 година и оти 85 отсто од граѓаните ја поддржуваат таа позиција.

Стоев вели дека Бугарија секогаш покажувала волја за конструктивен и прагматичен дијалог со Скопје и дека ќе продолжат да работат на обновувањето на довербата.

Бугарскиот министер додаде дека очекуваат правни гаранции за почитување на Договорот од 2017 и конструктивен одговор од Скопје за долгорочно решение на прашањето.

Премиерот Зоран Заев пред два дена рече дека во разговорите со Бугарија ништо не се крие и не се разговара поразлично и оти на маса е португалскиот предлог што македонската страна го оцени како добра основа да се најде решение за билатералното прашање со Софија. Тој повтори дека доколку македонскиот јазик и македонскиот идентитет се на маса, македонската страна нема да преговара.
Поради блокада од Бугарија, нема датум за почеток на преговорите на Македонија и ЕУ за влез во Унијата.