Заев на Фејсбук - Сѐ дури постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците

Премиерот Зоран Заев

„Оваа Влада, искрено и силно е посветена да го негува и да го унапредува македонскиот јазик. Тоа е така бидејќи нашиот јазик е нашиот идентитет. Сѐ дури постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците, сѐ дури постојат Македонците ќе постои и македонскиот јазик. Тоа е така, затоа што тие две нешта не можат едно без друго, затоа што тие постоеле, постојат и ќе постојат во убава и нераскинлива симбиоза“, пишува премиерот Зоран Заев на Фејсбук, на годишнината од усвојување на правописот на македонски јазик.

На денешен ден, додава, пред 76 години, 7 јуни 1945, на предлог на Министерството за народната просвета, Народната Влада на Македонија донесе „Решение за правописот на македонскиот јазик“ со заклучок истиот да се отпечати во засебни книшки како издание на Министерството за народна просвета.

Со усвојувањето на правописот на македонскиот јазик се заокружува кодификацијата на македонскиот јазик, по воведувањето на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава (2 август 1944) и усвојувањето на македонската азбука (5 мај 1945).