Во Пакистан денеска стартува петдневна кампања за вакцинирање против полио на над 30 милиони деца на возраст под пет години. Вкупно 223 илјади здравствени работници во наредните пет дена ќе вакцинираат деца против оваа високо заразна болест која што се пренесува преку вода и може да предизвика детска парализа.
Пaкистанските власти соопштија дека ќе бидат распоредени над 40.000 полицајци на терен кои ќе се грижат за безбедноста на здравствените работници распоредени во над 30.000 мобилни тимови кои одат од куќа до куќа.
Претходните кампањи против детска парализа беа попречени од одбивањето на некои родители да ги вакцинираат своите деца.
Во изминатата деценија голем број на здравствени работници и полицајци кои учествуваа во вакцинирањето на деца против полио беа мета на терористички напади од милитанти, затоа што во земјата се ширеа дезинформации дека кампањите за вакцинација имале за цел да ги стерилизираат децата и дека здравствените работници дејствувале како шпиони.
Пакистан и соседен Авганистан се единствените преостанати земји во светот каде што детската парализа е сè уште распространета. Во 2020 година, регистрирани се вкупно 84 случаи на детска парализа во земјата, од кои 22 во Кибер Пахтунхва и 26 во Балучистан.