Рускиот претседател Владимир Путин денеска потпиша закон со кој се формализира повлекувањето на Русија од меѓународниот договор со кој им се дозволува на земјите потписници, да собираат меѓусебни информации за воените сили со цел зголемување на транспарентноста, следејќи го примерот на Соединетите американски држави кои го напуштија договорот лани.
Овој меѓународен договор именуван како „Отворено небо“ стапи на сила во 2002 година и со него 34-те земји потписници се здобија со право да извршуваат кратки, невооружени набљудувања и надзорни летови над едни на други територии за да соберат податоци за воените сили и активности. Од потпишувањето на договорот до сега биле извршени над 1.500 летови.
Соединетите држави од овој договор официјално се повлекоа во ноември 2020 година, затоа што, како што обвинува Вашингтон, Москва „флагрантно го прекршила“.
- Русија жали за одлуката на САД да не се приклучи на Договорот за отворено небо
- Русија на чекор до повлекување од Договорот за отворено небо
Напуштањето на овој меѓународен договор се случи при истекот на мандатот на американскиот претседател Доналд Трамп. Администрацијата на неговиот наследник Џо Бајден минатиот месец истакна дена нема намера да влезе повторно во „Договорот за отворено небо“. Од друга страна, пак, за време на неговата изборна кампања, Бајден го критикуваше повлекувањето на Трамп од договорот како „кратковид потег“.
На 16 јуни се очекува средба на Путин и Бајден во Женава. Американско руските односи се на најниско можно ниво поради постојаната руска поддршка на сепаратистите во Источна Украина, обвинувањата за мешање на Москва во американските избори и хакерските напади во кои беа вклучени руски актери.