Премиерот Зоран Заев денеска изрази задоволство поради тоа што најголемата албанска политичка партија ја заокржила етничката агенда и се насочила кон граѓанинот. Тој денеска по увидот на реконструкцијата на патниот правец Кавадарци-Дреново, одговарајќи на новинарско прашање даде коментар во однос на Зелената агенда на Демократската унија за интеграција, која вчера лидерот на ДУИ Али Ахмети на 19. роденден на партијата ја промовираше како еден од приоритетните столбови на претстојните локални избори.
„Доста беше Албанци, Македонци, Срби, Турци, Власи. Во државата имаме граѓани. Сакам да го поздравам тоа заради тоа што е исчекор, а посебно кога доаѓа од најголемата владејачка партија од албанскиот политички блок. Многу е значајно кога политичарите излегуваат јавно и го даваат својот збор. Тогаш тоа значи нивен завет и обврска и во пракса да го спроведат. Тоа го мислам пред се за СДСМ, но и за ДУИ и за сите други политички партии. Истовремено ги препознавате нивните политики на градење на зелената агенда на Владата“, рече Заев.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера во градскиот парк во Скопје ја промовираше зелената агенда на својата партија. Тој рече дека започнуваат нова политика за еколошка правда и квалитетен живот.
„Воспоставивме еднаквост преку целосна имплементација на Охридскиот мировен договор, легализација на високото образование на албански јазик, децентрализација, национални симболи и култура, албански јазик, правична и соодветна застапеност, интеграција во НАТО, добивањето зелено светло за членство во ЕУ, заедно со многу други предности на нашите граѓани“, рече Ахмети.