Јавниот обвинител кој постапуваше во предистражната постапка отворена по повод недостапноста на обвинетиот Сашо Мијалков при обид да му се врачи решение за куќен притвор, утврди дека нема место за јавнообвинителска одлука од причина што не е утврдено постоење на кривично дело што се гони по службена должност, соопштија денеска од Јавното обвинителство.
Од таму информираат дека во предистражната постапка обезбедиле снимки од безбедносните, листинзи за реализирани телефонски разговори сослушале повеќе луѓе меѓу кои и министрите за правда и внатрешни работи, директорите на Агенцијата за национална безбедност и Бирото за јавна безбедност, премиерот, јавниот обвинител, основната јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и претседателот на Основниот кривичниот суд Скопје.
„Имено, неспорно е дека обидот за врачување на решението за куќен притвор на обвинетиот С.М. од Основниот кривичен суд Скопје од 21.02.2021 година останал безуспешен и дека во периодот од 21.02.2021 обвинетиот и покрај преземените дејствија за негово лоцирање бил недостапен за органите на прогонот, се до 16:55 часот на 23.02 2021 година, кога доброволно се пријавил во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Оттука, главното прашање на кое беше фокусирана предистражната постапка беше – каде бил обвинетиот во периодот кога бил недостапен на органите на прогонот и дали во овој период имал помош од одредени лица за истиот да остане сокриен“, наведуваат од обвинителството.
Прибраните докази, пишуваат од таму, упатувале дека обвинетиот бил во својот дом се до доаѓањето на полициските службеници, нешто што го потврдиле и со снимките од видео надзорот од хотел Мериот и со службената евиденција која упатувала дека тој на 21.02.2021 година околу 15 часот стасал во својот дом, а телефонот кој го користел зрачел на базната станица од таму.
„Сепак, од доказите обезбедени во предистражната постапка како теорија на случај се наметна само теоријата дека С.М. се оддалечил од својот дом во моментот кога полициските службеници се доближиле до неговиот дом и побарале да му врачат решение. Ова меѓу другото, произлегува и од околноста, дека телефонот кој обвинетиот го користел се гаси во истиот момент кога полицијата доаѓа пред неговиот дом. Од тој момент кога полицијата дошла пред домот на обвинетиот , до моментот кога службените лица го пребарале домот, поминале најмалку 45 минути, во кое време имал доволно голема временска рамка да се оддалечи од својот дом, а местоположбата на неговиот дом овозможувала тоа да биде направено незабележано преку задниот излез, движејќи се пеш во реон кој не е обезбеден со безбедносни камери и лоцирајќи се во некој од околните објекти“, наведуваат од обвинителството.
Поради ова обвинителство проверувало и можна логистика за одалечувањето на Мијалков но не пронашле докази. Исто така ги проверувале и можности некој кој имал сознание дека му е определена мерка притвор да му го каже тоа но не утврдиле сомнителни комуникации.
Поранешниот шеф на УБК, Мијалков во февруари пред изрекувањето на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ исчезна за државните органи, а по дводневна потрага по него, сам се појави пред обвинителството тврдејќи дека не видел дека го бараат затоа што се самоизолирал со симптоми за коронавирус. Истиот ден попладнето, премиерот Зоран Заев пред Владата, придружуван од министрите за внатрешни работи и за правда, Оливер Спасовски и Бојан Маричиќ рече дека појавувањето на Мијалков е успешно завршен случај од страна на институциите на државата.
Во случајот „Таргет-Тврдина“ Мијалков е осуден на 12 години затвор, а за случајот „Трезор“ месецов доби уште осум години затвор. До правосилноста на пресудите се наоѓа во затворот во Шутка.