Изненадувањето на Ахмети - ДУИ ја прифати зелената агенда

Скопје- претседателот на ДУИ Али Ахмети ја презентира зелената агенда на неговата партија, 05.06.2021

По два дена претпоставки кое би било изненадувањето што во сабота ќе го соопшти лидерот на ДУИ Али Ахмети, за што најмногу гласини имаше за кандидат за градоначалник на Скопје етнички Албанец поддржан и од СДСМ, лидерот на партијата денеска во скопскиот градски парк рече дека тие ја прифаќаат еколошката зелена агенда.

На 19 годишнината од основањето на ДУИ Ахмети им се обрати на младите зборувајќи и за активизмот на шведската тинејџерка активистка за животна средина за климатски промени Грета Тунберг.

„Една млада девојка, Грета Тунберг, го обиколи светот со аларм за климатските промени и еколошката политика и сите и ја отворија вратата. Дојде време да ја отвориме вратата и да ги прифатиме овие политики за зелена, безбедна, развиена и здрава иднина. Ова е она што вие, младите, го барате. Младите бараат услови за живот како нивните врсници на запад, работни места како и модерна животна средина“, рече Ахмети.

Во почетокот од говорот тој накратко се обрати и на македонски јазик исто како и на крајот од своето обраќање. Во пресрет на есенските локални избори, Ахмети рече дека започнуваат нова политика за еколошка правда и квалитетен живот и дека зелената агенда станува дел од ДУИ.

„Воспоставивме еднаквост преку целосна имплементација на Охридскиот мировен договор, легализација на високото образование на албански јазик, децентрализација, национални симболи и култура, албански јазик, правична и соодветна застапеност, интеграција во НАТО, добивањето зелено светло за членство во ЕУ, заедно со многу други предности на нашите граѓани“, рече тој.

Инаку очекувањата за тоа што ќе објави Ахмети во сабота се подигнаа откако самиот тој кажа дека на петти јуни ќе соопшти големо изненадување, а партијата постави и билборди на кои пишува „нешто големо доаѓа“. Потоа премиерот Зоран Заев рече дека знае што ќе биде соопштено и дека се работи за убава, модерна вест и за нешто што е добро за државата.

Во меѓувреме се шпекулираше дека викендов Ахмети ќе објави дека ќе имаат заеднички кандидат Албанец за градоначалник на град Скопје, па дури и се споменуваше името на поранешниот министер за здравство Имер Селмани. Денеска премиерот Заев рече дека тие ја даваат поддршката за втор мандат на актуелниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов.