Бугарскиот службен премиер Стефан Јанев на средбата со амбасадорите на Белгија и Холандија во Софија, како што јавува бугарската агенција БГНЕС, им кажал дека тие бараат да се создаде конкретен механизам преку кој ќе се следи изполнувањето на договорите меѓу Бугарија и Македонија. Акцентот на разговорите бил ставен врз европската перспектива на Македонија и предизвиците за тоа прашање.
Јанев ја истакнал неопходноста од создавање на конкретен механизам за мерење и следење на напредокот на преговорите меѓу Скопје и Софија за исполнување на договореното меѓу двете држави.
Инаку по пристигнувањето на предлогот за деблокадата на македонскиот европски пат кој во Скопје и Софија минатиот месец го доставија еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва, бугарскиот претседател Румен Радев рече дека очекува Скопје да подготви патоказ кој ќе ги содржи барањата од декларацијата на бугарскиот парламент донесена во 2019 година, а која во дел го спори македонскиот јазик и историја.
Премиерот Зоран Заев вчера рече дека во разговорите со Софија не се преговара за македонскиот идентитет и македонскиот јазик и дека декларацијата на бугарското Собрание е неприфатлива. Тој соопшти и дека патоказот за исполнување на обврските од Договорот за добрососедство, кој го подготвуваат македонските власти, е доставен на увид во стручните служби во Министерството за надворешни работи.
Самитот на Европската унија треба да се одржи на 22 јуни и тогаш ќе стане јасно дали има пробив во релациите меѓу владата во Скопје и службената влада во Софија, која ќе ја води земјата до 11 јули за кога се закажани парламентарните избори во Бугарија. Соседната земја минатата година одлучи да го блокира македонскиот европски пат пред се поради нерешени историски прашања.