Учениците кои го завршуваат средното образование и се пријавени за државната матура, денеска од 10 часот го полагаат првиот екстерен испит – мајчин јазик, кој е задолжителен за сите 15 294 кандидати колку што се пријавени за матурата во оваа учебна година.
Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), од вкупниот број пријавени, 7050 се од гимназиско образование, 7983 од средно стручно образование и 261 од средно уметничко образование. Сите тие ќе го полагаат предметот мајчин јазик – македонски јазик и литература ќе полагаат 10 848 кандидати, албански јазик и литература 4078, а 272 – турски јазик и литература.
Вториот екстерен испит, кој е изборен, е закажан за 11 јуни. Резултатите од тестовите ќе бидат објавени во рок од 30 дена од последниот (вториот) екстерен испит.
Минатата година матурата не беше организирана поради пандемијата, а за оваа година е утврден здравствен протокол за деновите на полагањето. Најмногу 15 ученици е дозволено да бидат во училница, самите училишта ќе предложат по колку можат да сместат на испитите и во некои бројот ќе биде помал од овој максимум. Ќе има околу 2000 тестатори и околу 300 набљудувачи, кои се вакцинирани, а за матурантите кои на испитите на 5 и 11 јуни ќе имаат коронавирус или ќе бидат во изолација, овозможени се дополнителни термини на 25 и 28 јуни, со приложување потврда до училишните комисии.