Рускиот претседател Владимир Путин објави дека поставувањето на првата од двете линии на потенцијалниот гасовод „Северен поток 2“ кон Германија сега е успешно завршено. Путин обраќајќи се на економскиот форум во Санкт Петербург исто така рече дека работата на втората линија продолжува.
Акциите на „Гаспром“ се зголемија за за 0,6 проценти по коментарите на Путин, достигнувајќи највисоко ниво од средината на 2008 година. САД, кои силно се спротивставуваат на изградбата на новиот руски гасовод, минатиот месец објавија нови санкции против руски компании и бродови вклучени во проектот.
Но, администрацијата на претседателот Џо Бајден донесе одлука да се откаже од санкциите против компанијата што го надгледува проектот и нејзиниот извршен директор. Во Вашингтон, овој потег наиде на критики од републиканците и некои демократи, додека Кремљ го поздрави како „позитивен сигнал“ пред самитот на 16 јуни меѓу Бајден и Путин.
Гасоводот на Балтичко Море беше во центарот на политичките несогласувања меѓу Берлин и Вашингтон за време на претходната администрација на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Од доаѓањето на функцијата во јануари, Бајден се обиде да ги поправи односите со Европа.
Американски официјални лица предупредија дека гасоводот ќе ја направи Европа зависна од руските залихи на енергија и ќе ја заобиколи Украина, која се потпира на таксите за транзит на гас. Германската влада одби да го запре проектот, тврдејќи дека станува збор за комерцијален потфат и суверено прашање.