Заев тврди не се преговара за нов договор со Бугарија, ВМРО-ДПМНЕ бара прецизни одговори

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека не се преговара за нов договор со Бугарија, туку се бараат формулации за преговарачката рамка со ЕУ. Тој повтори дека предлогот за кој се разговара е португалскиот и оти првичните реакции од бугарска страна не се негативни.

„Ние немаме преговори, ниту пак правиме нов договор со Бугарија, се бараат формулации за делот на преговарачката рамка што ја носи Европскиот совет, значи одлуката е таму, не се одлучува нешто во Бугарија или во Северна Македонија“, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања за обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека се водат тајни преговори со Бугарија, по пуштањето во употреба на првиот дел од експресниот пат Штип – Радовиш.

Заев додаде и дека не се преговара за македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Според него, декларацијата на бугарското Собрание е неприфатлива, а португалскиот предлог води грижа и внимание и за двете страни и оти се надева на можно решение, без, како што рече, да ги подгрева очекувањата, бидејќи Бугарија има се уште има техничка Влада.

„Навистина една неправда од 16,5 години чекање со кандидатски статус, тоа треба да е прво грижа на ЕУ, затоа што нашиот Западен Балкан нема друга алтернатива освен ЕУ. Ние продолжуваме со нашата европеизација, но би било добро и чесно да го одржат зборот – ни ветија и треба да испорачаат. Јас очекувам 22 јуни е првиот мегдан, следниот е септември, два три месеци разлика тоа да се реши. Затоа што имаме многу други предизвици, мора да почнеме со скринингот на целото законодавство, веднаш после тоа да ги отвориме првите поглавја, ќе гледаме како ни се европеизира државата, тоа е наша децениска тенденција што сме должни да ја оствариме“, вели премиерот.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека „Заев треба да одговори многу прецизно дали е точно дека ги прифаќа бугарските позиции, да каже за каков договор преговара и дали тој договор ги вклучува јазикот, нацијата и посебноста на македонскиот народ“.