Во Солун денеска беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици. Меморандумот го потпишаа министерката за култура, Ирена Стефоска, и претседателката на Управниот одбор на овој Центар, Наталиа Пулу.
„Денеска го направивме првиот формален чекор од она што се нарекува ново поглавје во културната соработка меѓу нашите држави. Се радувам за она што го носи иднината“, изјави министерката Стефоска на чинот на потпишување.
Претседателката на Управниот одбор на Центарот, Наталиа Пулу изрази задоволство и надеж дека соработката која започнува во доменот на конзервацијата и реставрацијата, ќе прерасне и во соработка на научно поле, издавање публикации и популаризација на културното наследство.
Ципрас: Со Договорот од Преспа спречивме експанзија на Турција во регионот
Меморандумот претставува основа за соработка меѓу нашите надлежни институции за заштита на културното наследство и Европскиот центар, за размена на експерти, како и за обука на кадар за конзервација и реставрација. Двете земји ќе соработуваат и на развој на проекти и нивно промовирање во европските институции, како и за заедничко аплицирање во фондовите на ЕУ.