Бугарското Генерално обвинителство соопшти дека започнува проверка на информациите објавени од американскиот Стејт департмент за корупција извршена од Делјан Пеевски, Васил Божков, Илко Желјазков, Александар Манолев, Петар Харалампиев и Красимир Томов. Обвинителството на Бугарија прецизира дека против тројца од оваа листа (Манолев, Томов и Харалампиев) се водат постапки, а против Божков сега е отворена истрага.
Во соопштението се наведува дека бугарското Обвинителството целосно го споделува ставот на, како што наведуваат, американски партнери дека владеењето на правото и почитувањето на законот се во основата на секоја демократска држава и нивната одбрана е невозможна без обединета и доследна борба против организираниот криминал, перење пари и корупција.
Во документот се вели дека во врска со четири од шесте лица против кои се воведени американски санкции, бугарското обвинителство веќе презело активности за нивно истрага и гонење.
САД воведоа санкции за бизнисменот и поранешен пратеник Делјан Пеевски, бизнисменот Васил Божков и заменик-претседателот на Националното биро за контрола на специјалното разузнавање Илко Желјазков. Санкционирани се уште тројца Бугари и 64 компании во нивна сопственост или контролирани од нив.