Нигериските власти потврдија дека 136 ученици биле киднапирани во неделата од приватно муслиманско училиште во Тегина, во државата Нигер, во централниот дел на земјата.
Безбедносните сили „прават сè да обезбедат сигурно враќање на децата“, уверува владата, но нагласува дека работи „внимателно во потрагата по бандитите за да избегне колатерална штета“.
Вооружени мажи во неделата попладне упаднале во градот Тегина, почнале да пукаат и убиле едно лице и раниле други, а потоа ги киднапирале децата.
Во моментот на нападот во училиштето имало околу 200 деца. Некои успеале да побегнат, а киднаперите пуштиле неколку деца од 4 до 12 година, зашто биле „премали да пешачат“, изјави за агенцијата Франс прес еден од претставниците на училиштето.
Ова е едно од низата киднапирања на ученици кои се случија во последните неколку месеци во централните и северозападните делови на земјата, каде цела деценија вооружените банди го тероризираат населението, ограбуваат села, крадат стока и вршат масовни киднапирања. Не сметајќи го овие 136, од декември минатата година биле киднапирани над 730 деца и адолесценти во земјата.
Нигерија со 200 милиони жители е најнаселената држава во Африка и се соочува во бројни безбедносни предизвици, вклучувајќи го и бунтот на џихадистите на североистокот на земјата во кој од 2009 година беа убиени над 40 илјади луѓе.