Заев- Патоказот за спроведување на Договорот со Бугарија е на увид во МНР

Илустрација, премиерот Зоран Заев и неговиот поранешен бугарски колега Бојко Борисов

Патоказот за исполнување на обврските од Договорот за добрососедство, е доставен на увид во стручните служби во Министерството за надворешни работи изјави денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за спорот со Бугарија. Тој посочи дека се работи за патоказот, секторската соработка која треба да биде утврдена како одговор за да може државата да подготви за следна меѓувладина конференција.

„Кога зборува Бугарија за гаранциите, зборуваме и ние, тие се добробит на двата народа и двете земји, а тоа е уште поефикасна реализација на Договорот, што значи побрза изградба на железницата помеѓу Куманово и бугарската граница, од друга страна од Бугарија кон граничниот премин Клепало кај Берово. Посериозна соработка помеѓу институциите, за која може да видите овие неколку месеци како ги имаме секојдневните соработки“, изјави Заев.

Заев посочи дека техничката влада во Софија има уставна можност да донесе одлука и тоа е она што тој го очекува. Но, додаде дека ако тоа не се случи на 22 јуни кога треба да се одржи Советот на општите работи, тука е септември кога во Бугарија треба да има политичка влада.

Според Заев португалскиот предлог е одлична појдовна основа за постигнување договор со Бугарија и вели дека е задоволен од креативноста на португалското претседателство за да се изнајде решение меѓу двете земји, со цел да се одржи првата меѓувладина конференција до крајот на јуни.

Тој истакна дека е важно како за бугарската страна, така и за ЕУ, да се има фокус, додавајќи оти државава ќе продолжи да напредува и со европеизацијата дома, но и со реализацијата на двата многу важни договори – Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција.