Вкупно 181 работодавач ја злоупотребиле државна помош за исплата на плати за февруари и март, со што 753 вработени не зеле плати. Од нив, 157 не исплатиле плата за еден месец, а 24 за двата месеца.
Како што соопшти денеска директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, не се исплатени 753 месечни плати, а одобрената, но неисплатена финансиска помош е вкупно 12.071.908 денари или 2.738.715 денари за февруари и 9.333.193 денари за март.
Овие работодавачи се од дејностите: подготовка на оброци и служење храна, 61, трговија на мало, 33, копнен транспорт, 24, но има и од специјализирани градежни дејности, трговија на големо и мало со моторни возила и мотоцикли, правни и сметководствени дејности.
Лукаревска рече дека на работодавачите кои не дале плати, а земале финансиска помош добиле опомени, а по истекот на рокот за опомена почнува постапката за присилна наплата на долгот. Според законот, предвидени се глоби од 500 до 10.000 евра, во зависност од големината на правното лице.
По објавувањето на податоците за злоупотребена помош, од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) побараа построги казни за компаниите кои не исплатиле плати и покрај добиените субвенции од државата. ССМ бара освен парични, да има и затворски казни до една година за оние работодавачи кои нема да им исплатат плати на работниците, иако за тоа добиле субвенции од државата. Само така, велат од ССМ, ќе се стави крај на овој тип на прекршување на правата на работниците.