Вкупниот број на неевидентирани лица кои што се внесени во евиденција согласно Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени, според податоците добиени од Управата за водење на матични книги изнесува 659 лица. Од нив се доставени 211 Барања за упис во посебната матична книга, односно 70 проценти од лицата сè уште немаат поднесено Барање за упис во матичната книга на родени, покажува Посебниот извештај за состојбата со неевидентираните деца во матичните книги на родени по примената на Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени.
Заменик-народниот правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа, на денешната прес-конференција го презентираше извештајот кој се заснова на истражување во периодот од 2018 година, од годината кога беше распишан јавниот повик за евидентирање на лица чии што раѓање не е евидентирано во Матичната книга на родени, заклучно со април 2021 година.
Мустафа истакна дека проблемот со неевидентираните лица не е нов и не е прв за кој што информира народниот правобранител, вклучително и за проблемот со неевидентирани деца во матичната книга на родени.
Околу 60 проценти од неевидентираните лица, односно 397 се деца под 18-годишна возраст. Најголем број од лицата се Роми – 428, Албанци – 88, Турци - 20, Бошњаци – 3, Срби – 2 и едно лице од влашката етничка заедница.
Според народниот правобранител, државата, преку институциите, целосно треба да ја преземе одговорноста за идентификација, регистрација и вклучувањето на правно невидливите лица во системот.