Во Истанбул приведен македонски државјанин соработник на Седат Пекер

Седат Пекер

Македонскиот државјанин Бобан Томовски, кој бил соработник на турскиот наркобос Седат Пекер, денеска е уапсен на истанбулскиот меѓународен аеродром „Сабиха Ѓокчен“. Се очекува Томовски в сабота да биде екстрадиран во земјава, јавија турските медиуми.

Томовски, според истите извори, бил во контакти со Пекер, кој изминатиов период изнесе обвинувања за криминал и корупција против членови на Владата на Турција и на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП).

Според Си-Ен-Ен-Турк, Бобан Томовски патувал транзитно преку Истанбул за Каиро.

Турските медиуми посочуваат дека нема информации дека Томовски извршил кривични дела во Турција, но се тврди дека Пекер престојувал во неговиот дом кога пред извесно време бил во Македонија.

Јавниот обвинител на Анкара минатата недела издаде налог за апсење на Пекер, за кој се верува дека се наоѓа во Обединетите Арапски Емирати. Пекер се товари за шверц на дрога.

Кој e Седат Пекер и каде е засолнет?

Инаку, името на Пекер се споменуваше дека е меѓу лицата на кои им биле издадени пасоши со лажен идентитет од страна на вработени во македонската полиција.