Ќе се проверува дали увезениот мазутот бил извезен како мазут и од земјите извознички

Систем за загревање на болница во Македонија.

При направените контроли за увозот на мазут во земјава не биле најдени наоди за сулфур поголем од дозволениот еден процент, но се најдени наводи за количина на вода во мазутот поголема од дозволената. Најдени се и несоодветни залихи на мазут. Ќе се прават и анализи за да се види дали земјите кои извезувале за компании во С. Македонија го декларирале продуктот како мазут или подоцна бил променет тарифниот број и во земјава влегло како мазут, изјави денеска премиерот Зоран Зав.

Владата ги задолжила надлежните институции во наредните седум дена да изготват еден сублимиран извештај во врска со сите направени контроли по што наодите ќе бидат презентирани пред јавноста.

Институциите добиле и дополнителна задача да се види дали мазутот бил извезен како таков.

„Така што, ако влегол мазут кај нас дали излегол од земјите извознички како мазут, дали е тоа масло или не знам какви други тарифни броеви или слично да се утврди токму и тоа за да не се случи манипулација и да се извезува од одредени земји одреден продукт по одредена тарифа, попатно патувајќи да се сменат самите царински документи и декларации, па да се увезе мазут, тоа е исто така многу важно“, рече Заев.

Владата пред две недели им даде задолжение на повеќе институции да го проверат увозот и дистрибуцијата на мазут, откако излезе истражувањето на ИРЛ, „Заговор против воздухот“, кое укажува дека се увезувал сомнителен мазут, кој потоа служел за загревање на болници во Македонија.