Заев – Ако успее дијалогот со Бугарија, можно е на 23 јуни да биде првата меѓувладина седница

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека верува дека ќе се изнајде конечно решение за исчекор во спорот со Бугарија. Тој вели дека прават сè и, како што рече, навистина има добра основа низ португалскиот предлог да се изнајде решение со Бугарија.

„Ако успее, веднаш на 23 јуни треба да ја имаме првата меѓувладина седница“, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Премиерот се надева на средба со бугарскиот премиер, и како што вели, подготвен е да оди во Софија и да замоли за решение.

„Да замолам за решение на прагматични основи, знаејќи дека никој не сака да погази врз нашиот македонски јазик и македонски идентитет. Така и ќе биде, но сепак решението мора да го најдеме ние двете пријателски земји“, изјави Заев.

Компромисот, појасни тој, е дека секоја страна има право на своите ставови и да остави времето да ги решава.

Бугарија бара гаранции при проширувањето на Европската унија со С. Македонија, изјави бугарскиот претседател Румен Радев на зедничката прес-конференција со претседателот на Португалија Марсело Де Соуза.

„Најважната задача е да се врати дијалогот на сите нивоа меѓу Софија и Скопје“, рече Радев.

Што се однесува до тоа дали Скопје ги исполнува условите, постои цела листа на формални услови, рече бугарскиот претседател. Според него, треба да се работи на тоа младите во двете земји да не се мразат едни со други.

Заев денеска, одговарајќи на новинарско прашање за учество во тв дуел со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски за спорот со Бугарија, изјави дека Мицкоски го има португалскиот предлог кај него во раце. Заев вели дека во моментов не гледа причина зошто да седне со Мицкоски на маса, но тоа може да се случи во прва прилика кога тоа нема да наштети на преговарачкиот процес.