Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска го посети Државниот испитен центар, одговорен за организација полагањето на државната матура кое започнува на 5 јуни започнува за над 15 илјади матуранти.
„Драго ми е што оваа учебна година продолжуваме со организирање на процесот на полагање државната матура, со што им овозможуваме право на средношколците кои имаат интерес да продолжат едукативно да се надградуваат, покрај на домашните, да можат да се запишат и на некој врвен универзитет во странство доколку тоа им е волја. На сите ни е јасно дека секаде во светот, за упис во високо се бара поседување на ваков документ кој значи формализација на средното образование. Лани беше направен исклучок и за жал, дел од нашите ученици имаа проблем со прифаќањето на апликациите на странски факултети, но оваа година нема да биде така“, порачала Царовска, стои во соопштението.
Според соопштението, раководството на Државниот испитен центар ја информирало Царовска дека сите активности предвидени со планот за организирање на државната матура се спроведени и врз основа на тоа се очекува процесот успешно да се реализира. Сите протоколи во услови на пандемија се усвоени, како што се наведува во соопштението, предвидено е во училница да бидат присутни најмногу до 15 ученици, а некаде и помалку во зависност од просторните услови, а над 2000 тестатори се вакцинирани со двете дози.
Директорката на Државниот испитен центар, Елизабета Наумовска информирала дека вкупно 15.294 ученици се пријавиле за полагање државна матура, од кои 7.050 се од гимназиско образование, 7.983 од средно стручно образование и 261 од средно уметничко образование.
По полагањето на првиот задолжителен екстерен испит по мајчин јазик на 5 јуни, ќе следи и полагање на вториот екстерен испит кој е изборен. Резултатите ќе бидат објавени во рок од 30 дена од вториот екстерен испит.