Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска изјави дека како Влада ќе препорачаат да нема зголемување на цената на струјата, но одлуката ја носи Регулаторната комисија за енергетика.
„За зголемување на цената на струјата би требало да оставиме на Регулаторната комисија за енергетика. Ние како Влада работиме, слушаме и ги следиме состојбите и ќе препорачаме да нема зголемување на цената на електричната енергија, но не можеме да одлучиме. Регулаторната комисија за енергетика одлучува за цената. Но, ќе работиме на подобрување на состојбите во енергетиката, на вложувањето во обновливи извори на енергија, во живеење зелено. Секако, живеењето зелено значи дека еден ден ќе мора да платиме повеќе, но јас како граѓанин сум подготвен да платам повеќе кога се работи за здравјето на мојот син“, изјави Битиќи по посетата на компанијата „Пејпер мил“ во Кочани.
Според него, сите трендови во економијата се позитивни, а индустриското производство во четвртиот месец е зголемено 46 проценти и е скоро на исто ниво како во 2019 година. Добри резултати, како што наведе, има и во делот на приходите. Битиќи порача и дека состојбите се следат и доколку е потребно ќе бидат креирани дополнителни мерки за помош.