Делегација од Вермонт се сретна со Шекеринска и Ѓурчиновски

Знамиња на Северна Македонија и САД

Високата делегација од сојузната држава на САД, Вермонт, што ја предводи заменик гувернерот Моли Греј и командантот на Националната гарда, генерал-мајор Грегори Најт денеска ги посети Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана.

Делегацијата притоа остварила средби со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, на која присуствувале и амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз. Најт имал средба и со својот домаќин, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Заблагодарувајќи се за нивното присуство на денот на високи гости на вежбата „Одлучен удар 21“, министерката Радмила Шекеринска ја потенцира одличната одбранбена соработка и важноста на вежбата во контекст на актуелните случувања.

„Оваа вежба беше прв тест за нас по членството во НАТО и по пандемијата, кој го положивме успешно. Високо го цениме сето она што го направивте за нас во изминатите над две децении пријателство и сојузништво. Тоа создаде основа да градиме мостови и во други области како што е економијата“, рече Шекеринска.

Заменик-гувернерката Моли Греј посочи дека вратата на Вермонт за обука и тренинзи на нашата Армија останува отворена и притоа се осврнала на потребата од поголемо вклучување на жени во безбедносниот сектор.

Генералите Ѓурчиновски и Најт, за време на средбата, според соопштението, разговарале за успешноста на програмата на партнерство и соработка, која во голем дел е заслужна за достигнувањата на стандардите на НАТО од страна на нашите армиски припадници, а тоа придонело и за полноправно членство на земјата во НАТО.

Меѓу останатото генералите разговарале, се наведува во соопштението, и за процесот на трансформација на Армијата на Република Северна Македонија, учествата во мировни мисии, обука и вежби како и за понатамошната планирана соработка.