Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека Владата вчера ги разгледала извештаите за увезениот мазут и индустриско масло и дадени се насоки да се направи поопсежна анализа за последните десет години за сите компании кои увезувале во овој период. Според него, секој кој направил пропуст или злоупотреба ќе сноси одговорност без разлика дали се работи за институција или компанија.
„За жал, во првичните анализи се опфатени само дел од компаниите кои увезувале мазут или индустриско масло во периодот од последните две години. Дадовме насоки да имаме поопсежна анализа за последните десет години за сите компании кои имаат увезено мазут или индустриско масло и во моментот кога ќе ги добиеме сите информации, бидете уверени дека секој ќе сноси одговорност за тоа што го правел, без разлика дали е тоа Царинска управа, Пазарен инспекторат, Инсекторат за животна средина, министерство или компанија која увезувала“, изјави Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на компанијата „Пејпер Мил“ во Кочани.
Министерот за економија, Крешник Бектеши неодамна информираше дека ги собираат сите информации за увозот и дистрибуцијата на сомнителниот мазут и кога ќе ги имаат сите податоци ќе ја информираат јавноста.