Фискалната стратегија која Владата ја усвои на последната седница предвидува дека на среден рок, стапките на економски раст ќе надминат 5 проценти, стапката на невработеност ќе се намали на 8,6 проценти, додека стапката на вработеност ќе се искачи на 54,3 проценти, просечната плата ќе расте со просечна стапка од околу 4 проценти, бруто-инвестициите ќе се зголемат до 36,2 проценти во 2026, додека извозот ќе расте со просечна стапка од околу 8,8 проценти.
Со Фискална стратегија 2022-2024, со изгледи до 2026 година, според Министерството за финансии, се продолжува добрата пракса, што ја воспоставила институцијата со претходната ревидирана фискална стратегија за подолгорочно планирање, со проекции за пет наместо за три години. Економскиот раст во 2021 година е проектиран на 4,1 процент, Според министерството, инвестициите ќе имаат значајна улога во заздравувањето на економијата и нејзиното постепено интензивирање.
Вкупните приходи на Буџетот за периодот 2022-2026 година, посочуваат од министерството, се планирани во висина од околу 31,3 проценти од БДП. Просечното учество на вкупните расходи на Буџетот за истиот период изнесува околу 34,4 проценти од БДП.