Специјалниот пратеник на Стејт департментот за Западен Балкан, Метју Палмер, денеска во Приштина повтори дека Соединетите држави силно го поддржуваат дијалогот меѓу Косово и Србија, што треба да резултира со постигнување конечен договор и заемно признавање.
„Што се однесува до крајната цел, ние сè уште веруваме дека меѓусебното признавање ќе и го отвори патот на Европа“, рече Палмер за време на прес-конференцијата што ја одржа во главниот град на Косово со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак.
Палмер и Лајчак пристигнаа на Косово вчера, а во првото обраќање тие рекоа дека ЕУ и Соединетите држави соработуваат на прашањето за дијалог меѓу Приштина и Белград за нормализирање на односите меѓу двете страни.
Лајчак рече дека дијалогот, под покровителство на ЕУ, ќе биде продолжен наскоро и дека тоа е причината за неговата посета на Косово, односно дека разговарал со косовските власти за подготовките за продолжување на разговорите. Тој додаде дека 2021 година може да биде добра година за земјите од Западен Балкан.
Според претходните најави, во јуни треба да се одржи дијалог меѓу двете делегации, предводен од косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ.