Седум европски држави воведоа дигитален сертификат за патување

Грција и уште шест земји-членки на Европската унија од денеска воведуваат систем на ковид 19 сертификати за патување. Програмата за сертификати ќе стапи на сила низ целата Унија од 1 јули.

Сертификатите од денеска ги воведуваат Грција, Бугарија, Чешка, Данска, Германија, Хрватска и Полска, објави Европската комисија.

Грција се залага за универзално признат сертификат кој ќе користи QR-код. Според најавите, новиот систем би требало да го олесни патувањето во ЕУ.

Членките на ЕУ се договорија за „ковид пасошот“

Сертификатот ќе биде достапен за луѓе кои биле целосно вакцинирани против корона вирус, имале негативен тест или поминале ковид-19.

Овие услови зависат од одделни земји и може да варираат затоа што одлуките се донесуваат на национално ниво.

Во меѓувреме Брисел најавува почеток на преговори со трети земји за меѓусебно признавање на сертификатите за дигитална вакцинација со цел да им се олесни патувањето на граѓаните летово.

Се препорачува да се прифатат сите вакцини одобрени од Европската агенција за лекови (на „Фајзер“, „Астра зенека“, „Модерна“ и на „Џонсон и Џонсон“), како и оние одобрени од СЗО за итна употреба (на „Синофарм“), а за тоа индивидуално одлучуваат земјите членки.

Носителот на сертификатот за вакцинација мора да ги примил сите препорачани дози од вакцината најмалку 14 дена пред патувањето, објаснуваат надлежните.